> Неготино Инфо
Mesto_Za_Reklama
Занаетчиството – потенцијал за развој на социјалното претприемништво кај младите

Дата: 09.03.2016 • Автор: Администратор • Категорија: Македонија •

Со инцирање проекти во занаетчиството, индиректно се отвораат нови работни места, истакна денеска министерот за економија Беким Незири.

По денешната конференција што ја организираа општините Чаир и Гњилане, Незири нагласи дека и оваа година продолжува поддршката на занаетчиството. За оваа намена во буџетот се проектирани 500.000 евра.

– Владата продолжува со политиките за поддршка на занаетчиството. Како што лани го поддржувавме проектот за унифицирање на излозите во Старата скопска чаршија, продолжуваме и оваа година. Отворени сме за секоја идеа и иницијатива која ќе произлезе од еснафот за измена на законите со цел олеснување на нивната работа и враќање на старите автентични занаети, препознатливи за Чаршијата, посочи министерот.

Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, занаетите се модел за самовработување и отворање, водење личен, семеен бизнис, инспирација за многу млади луѓе да си обезбедат опстанок.

– Старата скопска чаршија е срцето на општината Чаир и нејзиниот највитален дел и од економски и од духовен аспект. Тука се создаваат најважните економски активности во општината и што е уште поважно се пренесува на идните генерации една вековна традиција. Затоа поддршката на занаетите и поттикнувањето на младите да се занимаваат со одредени занаети останува наш приоритет, рече Меџити.

Со проектот за прекугранична соработка поддржан од ЕУ, додаде, планирани се активности за зачувување на старите занаети и нивно заживување што ќе придонесе за отворање нови работни места.

Занаетчиите искажаа задоволство од владината поддршка и поддршката на локално ниво која меѓу другото, предвидува унифицирање на излозите, поставување инфо пунктови и отворање модно училиште, се само дел од планираните активности,. Евидентно е, рекоа, раздвижувањето во однос на реализирањето проекти со единствена цел – поголема афирмација и популаризација на занаетите, како и креирање модели за нивна оддржливост.