> Неготино Инфо
Mesto_Za_Reklama
За добро здравје пијте чаша црвено вино секој ден

Дата: 30.05.2016 • Автор: Администратор • Категорија: Земјоделие •

Нутриционистите, докторите и сите останати кои препорачуваат здрав начин на исхрана многу често во своите совети за исхрана ги вклучуваат продуктите богати со антиоксиданси. Причината поради која се препорачуваат антиоксидансите се сè почестите научни истражувања кои презентираат докази за нивното влијание во превенцијата на канцер и други заболувања.
Што всушност се антиоксидансите? Тоа се молекули кои ја спречуваат оксидацијата на други молекули, односно хемиска реакција која може да произведе слободни радикали, што доведува до низа реакции кои можат да ги оштетат клетките. Добро познати антиоксиданси се ензимите и други супстанции, како што се витамин Ц, витамин Е и бета каротен, кои се способни за справување со штетните ефекти на оксидацијата.


Најдобар начин за внесување на антиоксиданси во природна форма која воедно нуди и едно поинакво искуство и уживање е чашата црвено вино. Црвеното вино е богат извор на биоактивни и нутритивни фенолни соединенија коишто имаат антиоксидантно дејство, висока активност против слободни радикали, заштитна улога при артериосклероза и коронарна срцева болест, како и инхибирачко дејство на растот на канцерогените клетки.
Овие, но и други позитивни ефекти од умерената консумација на вино беа презентирани на првата стручна конференција „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето – истражувања и докази” која во организација на винарската визба „Тиквеш“ се одржа неодамна во Скопје. На конференцијата беа презентирани истражувања кои го определуваат квантитативниот состав на фенолните соединенија, како и антиоксидантната активност на вина од сортите Вранец, Мерло и Каберне Совињон произведени во винарската визба Тиквеш. Според резултатите на истражувањата сите овие вина се богати со полифеноли, а вината од сортата Вранец содржат највисока содржина на сите групи на феноли, особено антоцијани коишто ги прават вината интензивно обоени и стабилни. Сите анализирани вина покажале висока антиоксидантна активност што потврдува дека вината поседуваат позитивни ефекти за човековото здравје.
Секако позитивните ефекти за здравјето може да се очекуваат само ако виното се консумира умерено што значи една до две чаши дневно. Овие една до две чаши висококвалитетно црвено вино после напорниот работен ден не само што можат да релаксираат туку и да го „држат“ докторот на страна поради сите споменати здравствени придобивки.